Министрите за финансии на Европската Унија денес се согласија да воведат привремена такса од три евра по пратка од јули 2026 година за сите мали пакети што пристигнуваат од Кина и други земји надвор од Европската Унија.
Овој режим ќе биде привремено решение до 2028 година, кога ќе стапи на сила нов царински систем со трајни царински давачки за пакети во вредност помала од 150 евра, за кои досега не се платени давачки, објавува Блумберг.
Привремената такса беше воведена под притисок од Франција, а министерот за финансии на таа земја, Ролан Лескир, рече дека малите пратки што се ослободени од царински давачки претставуваат „нелојална конкуренција за традиционалната трговија“ и дека е време да се воведе фиксна такса.
Целта на новата мерка, како што истакнуваат европските министри, е да се обезбеди порамноправна конкуренција на европските компании, кои со години страдаат поради огромниот прилив на евтини пратки од кинески онлајн продавници како што се Шејн, Тему и АлиЕкспрес.
Според податоците на Европската Унија, бројот на пакети од Кина во вредност помала од 150 евра се зголемил од 1,9 милијарди во 2023 година на 4,2 милијарди во 2024 година, што претставува 91 процент од ваквите пратки.
Европските претставници, исто така, предупредуваат дека голем дел од стоките од Кина не ги исполнуваат стандардите за квалитет, заштита на потрошувачите и заштита на животната средина.
Новите правила формално важат за сите пакети од трети земји надвор од ЕУ со вредност до 150 евра, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Турција и други земји, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Текстот ЕУ: Од следната година, привремен данок од три евра за мали пакети од Кина е превземен од МАКФАКС.






