Фон дер Лајен им испрати писмо на лидерите на ЕУ со три можни решенија за финансирање на Украина.
Првата опција е секоја земја членка да одобри билатерарна бесповратна помош за Украина. Втората е заедничко задолжување на ниво на ЕУ, при што земјите би дале правно обврзувачки и неотповикливи гаранции за заемот. Третата опција е репарациски заем од 140 милијарди евра, користејќи го запленетиот руски имот, при што Украина би го враќала заемот само ако и кога Русија ќе плати воена отштета.
Фон дер Лајен наведува дека првите две опции би го зголемиле фискалниот товар на земјите членки, додека третата не би предизвикала дополнителни трошоци или ново задолжување.
Според писмото, на Украина ѝ се потребни 135,7 милијарди евра за 2026 и 2027 година – 83,4 милијарди за воени потреби и 52,3 милијарди за стабилизација на економијата и покривање на буџетскиот дефицит. Лидерите на ЕУ треба да донесат одлука на самитот на 18 и 19 декември.
Прашањето за користење на замрзнатиот руски имот останува отворено поради противењето на Белгија, која бара гаранции дека ризикот ќе биде споделен ако се донесе пресуда за враќање на средствата на Русија.
Фон дер Лајен во писмото наведува дека „Европа не може да си дозволи парализа“, и дека нема едноставни решенија, но потребно е да се дејствува.
Текстот ЕУ разгледува три опции за финансиска поддршка на Украина е превземен од МАКФАКС.






