Жена која ја преживеа опсадата на Сараево напиша писмо до Украинците

пред 3 години

„Би-Би-Си“ објави писмо од Аида Черкез, која ги сподели своите искуства со Украинците за опколеното Сараево со надеж дека тоа дополнително ќе ги мотивира да ги преживеат тешките времиња на кои се изложени. Аида Черкез работи за „Асошиетед прес“ во Сараево од 1992 година, прво како водителка, а потоа и како известувач.

Ова е нејзиното писмо до Украинците.

„Светот разбра за што се борите“

„Драги пријатели, хуманитарните организации овде во Сараево собираат помош за вас. Седам во мојот стан и се обидувам да се сетам што ќе ви треба најмногу.

Не се моите топли чорапи, или јакна, или моите топли чизми она што најмногу ви треба сега, туку мојата 30-годишна маичка со испечатена парола која ми траеше 1.425 дена во кои босанските Срби го гранатираа и го опседнаа мојот град. Немаше вода, храна, струја, греење и комуникација со надворешниот свет. Ја облеков таа маица и ја читав пораката напишана на неа додека ни паѓаа повеќе од два милиони гранати на главите и додека избегнував безброј куршуми. На маичката пишуваше: „Сараево ќе биде, се’ друго ќе помине“.

Ви претстојат лоши времиња пријатели мои, но ви се испраќа оружје за да се одбраните. Ние Босанците се браневме, но светот нам ни воведе ембарго за оружје. Не му беше јасно зошто се води борба во Сараево. Фала му на Бога, тој разбра сега во Киев.

„Лагите најмногу ќе ве повредат“

Ќе бидете гладни, жедни и валкани, ќе изгубите домови, пријатели и членови на семејствата, но она што најмногу ќе ве боли ќе бидат лагите. Лаги, дека вие сте одговорни за тоа што ви се случува. Овие лаги ќе направат безброј дупки во вашите срца, но без да ги запрат нивните отчукувања или да ги замрзнат.

Гледам дека ви ја уништија ТВ кулата. Сакаат да ве држат во мрак, исто како што нас нe’ држеа во темнина. Сакаат да го изгаснат светлото, па да не можеме да видиме што ви прават. Запишувајте и снимате сè. Еден ден тоа ќе ја дефинира вашата историја, ќе им објасни на Украинците кои допрва треба да се родат што се случило и најверојатно ќе се користи како доказ на суд против оние кои се обидуваат да ве убијат.

„Ви го испраќам најскапоценото нешто што го имам“

Во темните времиња што претстојат ќе губите надеж повремено, но ви пишувам од иднината и ви велам, ќе преживеете, исто како и ние. Требаше да бидам мртва, но преживеав, утре ќе излезам со внуците. И вие ќе го направите тоа, затоа што во вас го гледам истиот отпор што го видов тука.

Ве слушам како ја пеете вашата химна додека со голи раце ги одбивате тенковите. Со текот на времето, ќе пеете нови песни за вашата храброст во оваа неволја и ќе смислите свој слоган кој ќе ве одржи во живот. Засега ви го испраќам најскапоценото нешто што го имам, мојот слоган, малку скроен за вас: „Украина ќе биде, се’ друго ќе помине“.

Share
Scroll to Top