Истрагата покажа дека жената-напаѓач од трговскиот центар во Лугано била во врска со џихадист од Сирија.
Полицијата соопшти дека сериозно повредената жртва во нападот не е во животна опасност, а откриено е дека во 2017 година, турските власти забраниле напаѓачката да премине од Турција во Сирија и ја вратиле во Швајцарија, пренесува АП.
Од швајцарскиот Федпол беше откриено дека жената во тоа време имала психички проблеми, како и дека била примена на психијатриска клиника веднаш по враќањето од Турција.
Швајцарскиот државен обвинител покрена постапка за можен напад со терористички мотиви – нанесување тешка телесна повреда, обид за убиство со умисла и кршење на забраната за активности со екстремистички групи како Ал-Каеда и Исламска држава.
Швајцарските медиуми објавија дека напаѓачката во трговскиот центар била совладана од двајца купувачи пред доаѓањето на полицијата, а во меѓувреме австрискиот премиер Себастијан Курц го осуди овој напад на, како што рече, исламски тероризам и изрази поддршка за Швајцарија во тешките моменти.