Захариева: Гаранциите што ги бара Бугарија треба да се вклучат во преговарачката рамка за Северна Македонија

пред 3 години

Во интерес на Бугарија е Северна Македонија да се реформира. Единствениот начин за спроведување на овие реформи од страна на Бугарија е Европската Унија. Не се сомневам во ставот на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за Северна Македонија, но се чини дека има малку несогласувања за прашањето меѓу Министерството и Министерскиот совет.

Имплементацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, кој ги гарантира основните човекови права, мора да стане дел од Преговарачката рамка. Добро е да се видат резултатите, а потоа да се биде оптимист. Вклучувањето на гаранциите што Бугарија ги сака во преговарачката рамка е многу важен резултат. Фокусот на Скопје не беше на започнување преговори со ЕУ, туку на вклучување на бугарското барање во преговарачката рамка.

Ова во интервју за БГНЕС го изјави поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, член на ГЕРБ и заменик претседател на Комисијата за надворешни работи во. Народното собрание.

„Не почувствував двоумење во ставот на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за Северна Македонија. Она што го забележав, а не беше директно кажано, изгледа е мало несогласување меѓу МНР и Министерскиот совет. Се надевам дека тоа ќе се надмине и нема да биде така“, рече Захариева и додаде: „Она што го слушнав од неа и нејзиниот тим е дека ќе продолжат да ја следат политиката што ја следи нашата влада, како и Рамковниот став и Декларација во Народното собрание и се’ што е досега направено на оваа тема“.

Захариева ја праша министерката Генчовска за преговарачката рамка, коментирајќи дека за ова прашање повеќе од месец и половина ништо не се говори ниту од МНР, ниту од Министерскиот совет.

„Со Северна Македонија имаме нерешени билатерални прашања, а според скопскиот аспект овие прашања се билатерални и немаат место во Преговарачката рамка. Правото на самоопределување е европска вредност, тоа е човеково право. Имплементацијата на Договорот, кој ги содржи основните човекови права, исто така мора да биде дел од преговарачката рамка. Мојот апел до министерката Генчовска е: не заборавајте на преговарачката рамка!“, порача поранешната шефица на бугарската дипломатија.

Захариева ја предупреди Генчовска да не паѓа во стапицата на Северна Македонија дека билатералните прашања немаат место во преговарачкиот процес.

„Добив уверување дека ќе продолжат да работат на преговарачката рамка, но сакам да слушнам повеќе детали и навистина да ја забрзаат работата по тоа прашање“, додаде таа.

Според неа, прашање на време било кога ќе дојде до конфликтот меѓу претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков.

„Тензијата се почувствува и при свикувањето на Советот за безбедност. Тогаш беше само чувство, сега стана видливо“, рече Захариева.

Од своето искуство како министерка за надворешни работи, Захариева ја предупреди актуелната влада да биде претпазлива од очекувањата на Северна Македонија.

„Знаете колку пати во текот на годините Бугарија со добра волја пристапи, колку пати даде рака, колку пати затворивме очи, надевајќи се дека со дадена рака, убав тон и добри намери работите ќе се сменат на подобро. За жал, тие не само што не се подобрија туку имаме еден чекор напред, три назад. Од моето искуство, од искуството на бугарската политика низ годините и од многу влади досега, колку повеќе ги зголемуваме нашите очекувања, толку потешко ќе биде да се постигне напредок и толку потешко ќе биде за преговарачките тимови да постигнат нешто“, рече таа.

Според неа, авионската линија и нотата испратена за краткото и долгото име на Северна Македонија, со која Македонците се откажуваат од територијални претензии, тешко може да се смета за сериозен напредок.

„Испратената нота не е лош чекор, не го потценувам. Многупати е кажано дека тоа ќе се случи, како што рече премиерот Зоран Заев, но и министерот за надворешни работи. Добро е што се случува, но повторно потенцирам, додека не се постигне договор ништо не е договорено“, предупреди Захариева.

Според неа, интензивната работа е добра работа. „Не знам што ќе прават овие работни групи за да се собираат секоја недела, бидејќи не знам кога ќе имаат време да разработат што договориле. Добро е да се видат резултатите и потоа да се биде оптимист“, рече поранешната министерка за надворешни работи.

За неа би бил голем успех доколку во преговорите се вметнат гаранциите што ги сака Бугарија.

Share
Scroll to Top