Претседателот на Украина, Вoлодомир Зеленски, изјави дека Донбас никогаш нема да биде руска територија и им порача на оние кои ја сакаат Русија и сакаат оваа област да стане дел од неа да бараат место за себе во Русија.
„Ако некој денеска живее на територијата на привремено окупираниот Донбас и си мисли – ‘треба да бидеме заедно со Русија, ние сме Руси’, мислам дека е голема грешка да се остане и да се живее во Донбас. Тоа никогаш нема да биде руска територија“, изјави Зеленски во интервју за ТВ Дом.
Тој им порача на оние кои ја сакаат Русија, а својот живот го минуваат на украинска територија и сметаат дека тоа е Русија, во името на нивните деца и внуци да си заминат и да си најдат место на територија која навистина е руска, пренесува „Спутник“.
„Украина ќе се развива, ќе се гради, а во таков Донбас – окупиран, одделен никогаш нема да има развој. Но, ако сметате дека Донбас е Украина, ако го почитувате тоа знаме, украинскиот јазик, ако сметате дека сте Украинци, тогаш останете таму, издржете. Во секој случај, таа територија ќе биде ослободена од окупација“, рече украинскиот претседател.