Протестите на незадоволните грчки земјоделци поради доцнењето на исплатата на субвенциите од Европската Унија денес се проширија во областа на Солун, каде што колони од трактори стигнаа до наплатната рампа Малгара и го блокираа сообраќајот на националниот автопат кон Атина. Припадници на полицијата првично го затворија пристапот до автопатот кај кружницата Малгара и не дозволија тракторите да поминат, но подоцна конвојот, во придружба на полицијата, стигна до наплатната рампа и постави блокада, јавува грчкиот канал ЕРТ.
Околу 11.20 часот правецот кон Атина беше затворен, а кратко потоа двата правци од националниот пат беа затворени.
Во исто време, има голема мобилизација меѓу земјоделците од источен Солун, кои најавија дека ќе им се придружат на своите колеги од Халкидик на заедничка блокада в среда.
Во меѓувреме, земјоделците во целата земја ги блокираа клучните национални патишта во знак на протест поради, како што велат, високите трошоци за производство, ниските цени за купување и доцнењата во владините плаќања, објави „Јуроњуз“.
На автопатот Атина – Солун, во областа Лариса, блокадата целосно го запре сообраќајот во текот на денот, а полицијата ги пренасочуваше возилата кон алтернативни патишта.
Земјоделските здруженија најавија дека, доколку не добијат одговор на нивните барања, протестите ќе бидат проширени.
Во неделата, за време на првиот ден од протестите на грчките земјоделци во централните и во северните делови на земјата поради доцнењето во исплатата на субвенциите од Европската Унија, тројца земјоделци беа уапсени во судирите со полицијата, а четири лица беа повредени – двајца земјоделци и двајца полицајци, објавија грчките медиуми.
Стотици земјоделци излегоа на улиците вчера блокирајќи ги патиштата со своите трактори во неколку области во знак на протест против конзервативната влада поради проценетиот недостиг од 600 милиони евра помош од ЕУ и други исплати, пренесува „Танјуг“.
Доцнењето на исплатите доаѓа во време на истраги за скандал во кој некои земјоделци наводно фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од ЕУ. Блокадите беа дополнително засилени по апсењето неколку лица минатата недела како дел од истрагата за милионска измама со земјоделски субвенции исплатени од грчката ОПЕКЕПЕ, надлежното тело за распределба на средствата од ЕУ.
Канцеларијата на европскиот обвинител (ЕППО) објави дека прелиминарната истрага утврдила оти 324 лица примиле вкупно 19,6 милиони евра нелегални субвенции.
Фото: ЕПА
Текстот Земјоделците и денес ги блокираа патиштата во Грција, протестите се шират во земјатата е превземен од МАКФАКС.






