Неколку илјади луѓе излегоа денеска на улиците во Австралија за да протестираат против обврската да се вакцинираат против Ковид-19, додека помали групи се собраа да ги поддржат мерките што ја направија земјата една од оние со највисока стапка на вакцинација во светот.
Речиси 85 отсто од Австралијците постари од 16 години се целосно вакцинирани против коронавирусот.
Иако вакцинацијата во земјата е доброволна, сојузните држави и територии ја пропишаа како обврска за многу професии и занимања и забранија одредени активности за невакцинираните, како што се јадење во ресторани или одење на концерти.
Извикувајќи „Слобода, слобода“ и носејќи знаци на кои пишува „Стоп за сегрегацијата сега“, неколку илјади противници на вакцинацијата маршираа низ центарот на Мелбурн, вториот најнаселен град во Австралија, најтешко погоден од пандемијата.
Демонстранти се собраа и во Сиднеј, Бризбејн и други градови, но нема извештаи за инциденти. Еден натпис во Сиднеј гласеше: „Мојот живот не е владин, туку дар од Бога“, пренесуваат локалните медиуми.
Движењето против вакцинација, сепак, останува мало, па така анкетите покажуваат дека противењето на државно ниво има едноцифрена поддршка.
Контрапротест, на кој присуствуваа неколку стотици луѓе, се одржа во Мелбурн, а бил организиран од групата Кампања против расизмот и фашизмот под слоганот „Не биди шуга, прими ја вакцината“.