Иран: Нема нови нуклеарни преговори со САД без исполнување на условите

Иран: Нема нови нуклеарни преговори со САД без исполнување на условите

пред 7 часа

Иранскиот парламент објави дека земјата нема да ги продолжи нуклеарните преговори со Соединетите Американски Држави додека не се исполнат одредени предуслови, објавија државните медиуми.

„Кога САД ги користат преговорите како алатка за да го измамат Иран и да прикријат ненадеен воен напад од страна на ционистичкиот режим (Израел), разговорите не можат да се водат како порано. Потребно е да се постават предуслови, а нови преговори не можат да се водат додека не се целосно исполнети“, се вели во соопштението.

Иако предусловите не беа детално наведени, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, претходно истакна дека еден од условите може да биде гаранција дека нема да има понатамошни напади врз Техеран.

Минатиот месец, САД и Израел започнаа напади врз нуклеарните објекти на Иран, тврдејќи дека тие се дел од програмата за развој на нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла овие тврдења.

Техеран и Вашингтон одржаа пет рунди индиректни разговори, со посредство на Оман, пред почетокот на 12-дневната воздушна кампања. Овие преговори заглавија поради барањето на САД, Иран да ја суспендира својата домашна програма за збогатување на ураниум.

Минатата недела, Арагчи го повтори ставот на Техеран дека нема да се согласи на нуклеарен договор што би го забранил збогатувањето на ураниум и дека Иран нема да разговара за теми што не се директно поврзани со неговата нуклеарна програма, вклучително и балистичките ракети.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторникот изјави дека не брза да преговара со Иран, бидејќи, како што рече, нивните нуклеарни капацитети сега се „уништени“. Сепак, САД, во соработка со Франција, Германија и Велика Британија, го поставија крајот на август како краен рок за постигнување договор.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, во вторникот потврди дека Париз, Лондон и Берлин ќе го активираат механизмот за повторно воведување санкции на ОН против Иран доколку дотогаш нема конкретен напредок кон договор, објави Ројтерс.

Текстот Иран: Нема нови нуклеарни преговори со САД без исполнување на условите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top