Иран разгледува гаснење на нуклеарната програма и трансфер на ураниум во Русија

Иран разгледува гаснење на нуклеарната програма и трансфер на ураниум во Русија

пред 2 часа

Двајца ирански функционери изјавиле за „Њујорк тајмс“ дека е можен драматичен нуклеарен компромис меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, кој би вклучувал суспензија или целосно гаснење на иранската нуклеарна програма.

Според наводите, Техеран ја фаворизира идејата за регионален нуклеарен конзорциум, при што збогатувањето на ураниумот би се вршело надвор од Иран, а постои можност веќе збогатениот ураниум да биде префрлен во Русија, слично на аранжманите од нуклеарниот договор од 2015 година.

Иранските функционери наведуваат дека целта на ваков компромис би била намалување на тензиите, во услови на закани со американски воен напад. Како дел од дипломатските контакти, Али Лариџани пренел лична порака од врховниот лидер Али Хамнеи до рускиот претседател Владимир Путин за време на неодамнешна средба во Москва.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјавил дека ова прашање одамна е на дневен ред.

Извештајот доаѓа во пресрет на најавените разговори во Истанбул меѓу американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кои, според „Тајмс“, овојпат би требало да се водат директно меѓу двете делегации.

Одделно, високиот советник на Хамнеи, Али Шамкани, изјавил дека постои можност за избегнување катастрофа доколку предлозите бидат без закани и со разумни услови, нагласувајќи дека разговорите се во рана фаза и дека нуклеарното прашање мора да остане единствен фокус.

Текстот Иран разгледува гаснење на нуклеарната програма и трансфер на ураниум во Русија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top