Речиси половина од Европејците го гледаат американскиот претседател Доналд Трамп како „непријател на Европа“, малку повеќе го оценуваат ризикот од војна со Русија како висок, додека повеќе од две третини веруваат дека нивната земја нема да може да се одбрани во случај на таква војна, покажа ново истражување.
Анкета спроведена во девет земји-членки на ЕУ за платформата за европска дебата за европски прашања, Гран Континент, со седиште во Париз, исто така покажа дека речиси три четвртини од испитаниците сакаат нивните земји да останат во ЕУ. Речиси ист број сметаат дека напуштањето на Унијата ѝ наштетило на Велика Британија, објави британски „Гардијан“.
Основачот на агенцијата Кластер17, која го спроведе истражувањето, Жан-Ив Дормажан, рече дека Европа не само што се соочува со растечки ризици, туку е во процес на трансформација на својата историска, геополитичка и политичка средина.
„Целокупната слика (на истражувањето) ја покажува Европа како загрижена, длабоко свесна за своите ранливости, борејќи се позитивно да ја проектира својата иднина“, рече Дормажан.
Во девет земји, во просек 48 проценти од испитаниците го гледаат Трамп како отворен непријател, најмногу во Белгија (62 проценти) и Франција (57), а најмалку во Полска (19) и Хрватска (37).
„Низ целиот континент, „трампизмот“ јасно се смета за непријателска сила“, рече Дормажан, додавајќи дека денес помалку луѓе го опишуваат Трамп како „ниту пријател ниту непријател“ отколку пред една година, а повеќе како непријателски.
Сепак, Европејците сè уште ги сметаат односите со САД за стратешки важни, а кога беа прашани каков став треба да заземе ЕУ кон американската влада, речиси половина од нив рекоа дека се за компромис.
Анкета за ставовите на граѓаните на Франција, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Португалија, Хрватска, Белгија и Холандија покажа дека 51 процент го гледаат ризикот од војна со Русија во наредните години како висок, а 18 проценти сметаат дека е многу висок.
Дормажан рече дека таков резултат „би бил незамислив пред само неколку години и дека тоа сигнализира пресврт на европското јавно мислење како нов геополитички режим во кој можноста за директен конфликт на континентот е широко прифатена“, објави Гардијан.
77 проценти од испитаниците во Полска, 54 проценти во Франција, 51 процент во Германија, 39 проценти во Португалија и 34 проценти во Италија веруваат дека опасноста од војна е голема.
Во исто време, довербата во националните воени капацитети е ниска во сите земји и 69 проценти во просек во девет земји сметаат дека нивната земја „не е многу“ или „воопшто не“ способна да се одбрани од руската агресија.
Анкетата, исто така, покажа дека испитаниците во сите земји вклучени во анкетата го поддржуваат членството на нивната земја во ЕУ, со највисок во Португалија (90 проценти) и најнизок во Франција (61).
Кога станува збор за Брегзит, 63 проценти од анкетираните сметаат дека тој имал негативен ефект врз Велика Британија, а само 19 проценти дека бил позитивен, според истражувањето.
Фото: ЕПА
Текстот Истражување: Половина од Европејците го гледаат Трамп како непријател на Европа е превземен од МАКФАКС.






