Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, го обвини украинскиот претседател, Володимир Зеленски, дека не ја кажува вистината за координацијата на нападите во Либија, тврдејќи дека сојузниците не биле однапред информирани за украинските воени операции против руски бродови, пренесува „Анадолија“.
Реакцијата на Тајани следуваше по интервјуто на Зеленски за „Би-би-си“, во кое украинскиот претседател изјави дека Киев ги координирал нападите со земјите чии територијални води или инфраструктура биле вклучени во операциите.
„Никогаш немало никаква координација. Дури и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го потврди тоа и најави дека за идните активности ќе разговара со своите сојузници“, рече Тајани.
Тој додаде дека никој не знаел што прават украинските сили во Либија.
„Значи, тоа што го кажа Зеленски не е вистина“, нагласи италијанскиот министер.
Тајани уште во вторникот изрази загриженост поради украинските воени операции во источна Либија, нагласувајќи дека е важно да се спречи ширењето на руско-украинската војна во Средоземјето.
Во неделата во два одделни напади беа погодени руски воен и товарен брод во близина на Бенгази. Во нападот врз воениот брод беа повредени десет лица.
Зеленски во понеделникот потврди дека Киев стои зад операциите, тврдејќи дека украинските сили потопиле руски воен брод и погодиле товарен брод што Москва го користела за транспорт на оружје.
Владата со седиште во источна Либија побара меѓународна истрага од Обединетите нации, додека Владата на национално единство во Триполи ги осуди нападите и побара објаснување од Украина.
Текстот Италија ги негира тврдењата на Зеленски за координација на нападите врз руски бродови е превземен од МАКФАКС.




