Италија е последната во низата земји што го ограничува пристапот на малолетниците до социјалните медиуми, по примерот на земји како Австралија, Бразил и Грција, а се очекува парламентот да одобри владин декрет за ова до крајот на годината. На децата под 13 години ќе им биде забрането да имаат сметки на социјалните медиуми.
Малолетниците на возраст од 13 до 15 години ќе можат да ја користат услугата само ако нивните сметки се поврзани со еден од нивните родители. Независни сметки ќе бидат дозволени за малолетници од 16-годишна возраст.
Мерките се дел од амандман на регулативата за безбедност што се дискутира во парламентот, а се очекува да биде усвоен до крајот на декември. Амандманот, според Ројтерс, сè уште не е официјално презентиран, но има поддршка од десничарската коалиција на премиерката Џорџа Мелони.
Според парламентарни извори, речиси е сигурно дека ќе биде усвоен. „Овој амандман би можел да биде пресвртница за сите родители кои се борат со дигиталната зависност на своите деца, како и за самите малолетници“, рече Фабио Рампели, пратеник од партијата „Фратели д’Италија“ на премиерката Џорџа Мелони.
Социјалните мрежи ќе мора да ја потврдат возраста на корисниците
Според сегашниот предлог, кој би можел да биде предмет на промена за време на парламентарната дебата, образовните апликации се ослободени од забраната. Извори велат дека компаниите за социјални медиуми ќе мора да ја потврдат возраста на своите корисници, следејќи ги упатствата што ќе ги изготви италијанскиот регулатор за телекомуникации (AGCOM) во рок од девет месеци од стапувањето во сила на декретот.
Компаниите за социјални медиуми ќе се соочат со барања за промена на своите алгоритми поради растечките загрижености низ целиот свет дека нивните платформи придонесуваат за кризата со менталното здравје кај децата.
Текстот Италија сака да ги забрани социјалните медиуми за деца под 13 години е превземен од МАКФАКС.





