Келин: Руските власти нема да дозволат Навални да умре во затвор

пред 4 години

Рускиот амбасадор во Велика Британија, Андреј Келин, изјави денеска во интервју за Би-Би-Си дека власта нема да дозволи Алексеј Навални да умре во затвор.

„Секако дека нема да дозволиме да умре, но можам да кажам дека Навални се однесува како хулиган и дека се обидува да го прекрши секое правило во затворот“, рече Келин.

Според него, еден ден Навални се жали дека го боли левата рака, а следниот ден левата нога.

„И сето ова го прави за да привлече внимание. Ако се однесуваше нормално, ќе имаше веројатност дека, како и секој друг затвореник, ќе биде ослободен порано“, рече Келин, додавајќи дека нормалното однесување подразбира само почитување на прописите за време на издржувањето на казната.

Четворица руски лекари, вклучувајќи ја и личната докторка на Навални, Анастасија Васиjeева, испратиле писмо до затворските власти со барање да им биде дозволено веднаш да го прегледаат.

Тие тврдат дека врз основа на лабораториски анализи, чии резултати ги добиле, Навални е во опасност од откажување на срцето и бубрезите и дека тоа може да се случи во секој момент.

Претходно денеска, Џејк Саливан, советник на претседателот на САД, Џо Бајден, во емисијата на Си-Ен-Ен „Стејт оф јунион“ изјави дека владата ѝ соопштила на Русија дека ќе има последици доколку Алексеј Навални почине.

Share
Scroll to Top