Украинските специјални сили извршија прецизен удар врз стационарниот радарски комплекс „Скала-М“ на привремено окупираната територија на Крим, објави украинскиот УНН.
Уништувањето на овој објект значително ќе ја намали способноста на Русите да го контролираат воздушниот простор и да користат авијација против цивилното население, според ССО (Сили за специјални операции на Украина).
Како што објави ССО, ноќта помеѓу 9 и 10 август 2025 година, единиците на Движењето на отпорот на Силите за специјални операции на вооружените сили на Украина спроведоа успешна операција во областа на населбата Абрикосивка на привремено окупираната територија на Крим.
Целта на украинските борци беше стационарниот радарски комплекс ТРЛК-10 „Скала-М“.
Овој советско-руски комплекс комбинира примарни и секундарни системи за откривање на воздушни цели, а негова главна задача е да го следи воздушниот сообраќај на рутите и во зоните на пристап. Со дострел до 350 км, „Скала-М“ е клучен елемент на системот за контрола на воздушниот сообраќај на руските сили, особено за координација на борбената авијација, според Украинците.
Според воените проценки, уништувањето на таков објект значително ќе го комплицира непријателското користење на авијацијата за напад врз цивилната инфраструктура и населбите. „Специјалните оперативни сили: секогаш надвор од дострел!“, нагласи командата на ССО.
фото: принтскрин
Текстот Клучен руски радар уништен во Крим; Украина: Ова значително ќе ги отежни нивните напади е превземен од МАКФАКС.