Кремљ објави дека не очекува никаков брз напредок во решавањето на „исклучително сложениот“ конфликт во Украина и дека не верува дека наскоро ќе биде договорена средба меѓу украинскиот, рускиот и американскиот лидер Володимир Зеленски, Владимир Путин и Доналд Трамп.
„Би било погрешно да се очекуваат моментални одлуки и напредок“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денес за време на дневниот брифинг за новинарите.
Тој одговори на прашања од новинарите еден ден по втората рунда директни руско-украински преговори што се одржаа вчера во Истанбул, со посредство на Турција.
„Прашањето за решение е исклучително сложено и содржи бројни нијанси“, додаде Песков и потсети дека Москва пред сè сака да ги елиминира длабоките причини за конфликтот за да постигне мир со Киев. Тој оцени дека е малку веројатно дека средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот Володимир Зеленски и американскиот Доналд Трамп ќе се одржи во блиска иднина, како што наговести Турција синоќа.
„Во блиска иднина, тоа изгледа малку веројатно“, изјави Песков за новинарите за време на редовната дневна прес-конференција.
Синоќа, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи да се организира таков самит, што всушност веќе беше иницирано од Киев, а Белата куќа објави дека Доналд Трамп изјавил дека е подготвен да оди на таков состанок.
Текстот Кремљ не очекува брз напредок во решавањето на конфликтот во Украина е превземен од МАКФАКС.