Против крузерот „MSC Poesia“ е отворена кривична истрага поради сомнежи за нелегално испуштање нафтен отпад во морето. Бродот на почетокот на месецот бил задржан во Мајами, а вчера добил дозвола да исплови, пренесува „Си-би-ес њуз“.
Американската крајбрежна стража истражува дали на бродот била користена таканаречена „волшебна цевка“, со која нафтениот отпад се пренасочува во системот за отпадни води од мијалници и тушеви, кои под одредени услови смеат да се испуштаат во морето. Ваквата практика е строго забранета со американските федерални закони.
Според американски службеник запознаен со случајот, истрагата би можела да резултира со кривична одговорност за членови на екипажот, сопственикот на бродот и други вклучени лица.
Крузерот бил задржан во пристаништето во Мајами откако инспекторите откриле недостатоци во бродските системи. Во тој момент на бродот имало повеќе од 2.000 луѓе.
Компанијата „MSC Cruises“, која управува со бродот, засега не одговорила на барањето за коментар.
Сличен случај во 2016 година завршил со казна од 40 милиони долари за компанијата „Princess Cruises“, која признала вина за испуштање нафтен отпад во океанот.
Текстот Крузер со над 2.000 луѓе бил задржан во Мајами, се истражува испуштање нафтен отпад е превземен од МАКФАКС.




