Макрон и Мелони предлагаат разговори со Путин, Стармер не сака

Макрон и Мелони предлагаат разговори со Путин, Стармер не сака

пред 3 часа

Британскиот премиер Кир Стармер „нема планови“ да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, како што предложија францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, изјави денес портпарол на Даунинг стрит.

„Премиерот нема планови да разговара со претседателот Путин. Неговата цел е јасно да ја поддржи Украина во постигнувањето праведен и траен мир и да ја стави земјата во најсилната можна позиција да ја продолжи борбата и да се движи кон мировни разговори“, изјави портпаролот за новинарите.

Портпаролот додаде дека рускиот претседател „досега не покажал знаци“ дека сака да ја заврши војната во Украина. Тој исто така нагласи дека британската влада има „редовен“ контакт со руската влада, особено преку нејзината амбасада во Москва.

Кремљ претходно го оцени како „позитивен“ фактот што некои европски земји изразија подготвеност да го продолжат дијалогот прекинат по почетокот на рускиот напад врз Украина во 2022 година. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ја критикуваше позицијата на Обединетото Кралство, велејќи дека „засега останува на радикални позиции“ и „не сака да придонесе за воспоставување мир“.

„Ставот на Лондон е деструктивен по природа“, рече Песков.

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, изјави на почетокот на јануари дека „дојде време кога Европа треба да разговара и со Русија“, залагајќи се за европски „специјален претставник“ кој ќе им овозможи да зборуваат со еден глас.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, во декември 2025 година изјави дека Европејците „ќе имаат корист од повторното разговарање со Владимир Путин“ како дел од „сеопфатен дијалог со Русија“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди во средата дека „наоѓањето долгорочна рамнотежа со Русија“ ќе ѝ овозможи на Европската Унија „да гледа кон иднината со поголема доверба“.

Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп го обнови контактот со својот руски колега, застапниците на обновениот дијалог тврдат дека Европа, останувајќи настрана, ризикува да биде ништо повеќе од адут за преговарање во евентуално политичко решение за војната во Украина и, пошироко, во обновувањето на односите меѓу САД и Русија.

 

фото/епа

Текстот Макрон и Мелони предлагаат разговори со Путин, Стармер не сака е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top