Победникот на унгарските избори, Петер Маѓар, ѝ порача на владејачката партија Фидес, предводена од поранешниот премиер Виктор Орбан, дека нема да избега од одговорност за политиките што ги водеше во последните години.
„Им го кажувам ова на лидерите на Фидес: без разлика колку се преправате дека ништо не се случило, ние знаеме што сте им направиле на нашата татковина и на унгарскиот народ. Не се сомневајте ни за момент – ќе пожнеете што сте посеале“, напиша Маѓар на социјалната мрежа Икс.
Маѓар извојува убедлива победа со својата партија Тиса на изборите во неделата, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан. Тоа е еден од најголемите политички пресврти во модерната унгарска политика, а се очекува да се формира нова влада предводена од Маѓар.
Агенциите велат дека неговата кампања била фокусирана на борба против корупцијата и демонтирање на системот што Фидес го градеше повеќе од една деценија, со силна поддршка од градските гласачи и помладите генерации.
По победата, Маѓар за прв пат се појави на унгарските јавни медиуми, на кои не беше поканет за време на кампањата. Прво се појави на радио Кошут, а потоа во емисија во живо на телевизијата М1, каде што остро го критикуваше начинот на кој функционираат државните медиуми.
„Веднаш ќе ја суспендираме оваа лажна информативна програма што се одвива тука и ќе воспоставиме независни, објективни и непристрасни услови“, рече тој, додавајќи дека тоа е „фабрика на лаги“ што ќе престане со работа по формирањето на новата влада.
Потоа уште поостро ја критикуваше ситуацијата со медиумите: „Ќе создадеме услови за објективни и непристрасни медиуми. Знаеме дека нема совршени медиуми, но она што се случува тука од 2010 година би го натерало Гебелс или севернокорејски диктатор да си ги лиже усните. Ниту еден вистинит збор не е кажан и ова не може да продолжи“, рече Маѓар.
Маѓар повтори дека неговата влада ќе ги исполни клучните услови за деблокирање на европските средства, вклучително и приклучување кон Европското јавно обвинителство, враќање на независноста на институциите и медиумите и укинување на државната пропаганда.
Тој исто така тврдеше дека претходната влада трошела околу 600 милијарди форинти годишно за „лажна пропаганда“ и најави зајакнување на академските слободи и универзитетската автономија.
Текстот Маѓар до партијата на Орбан: Ќе пожнеете што сте посеале, нема ништо да ви заборавиме е превземен од МАКФАКС.





