Медведев денеска ја објави првата порака на социјалната мрежа Телеграм, во која ја осудува русофобијата на Западот, обвинувајќи ја за дополнително влошување на односите.
– Западот нема да може да ја „превоспитува“ Русија, ниту да ја распарчи – порача заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев во својата прва објава на Телеграма.
– Гневната русофобија на Западот, според сите проценки, никогаш нема да го допре дното. Проширувањето на НАТО кон нашите граници, економската и медиумската војна што е започната против нашата земја на сите фронтови, бескрајните закани и заплашувања, жестоки прогон на нашите граѓани во странство. Сето тоа е причина за екстремното влошување на меѓународната ситуација низ која деновиве минува целиот свет – напиша Медведев на својот канал Телеграм.
Според него, однесувањето на земјите од западниот свет кон Русија во последните години е одвратно, криминално и неморално и покрај тоа што Москва искрено се залага за добри односи со нив.