Мексико е пред усвојување уставна реформа со која на кандидатите за претседател ќе им биде забрането да имаат двојно државјанство. Мерката би важела и за гувернерите на сојузните држави и за градоначалникот на Мексико Сити.
Претседателката Клаудија Шејнбаум го брани предлогот како мерка за заштита на националниот суверенитет и од странско влијание.
„Претседателите на Мексико можат да имаат само едно знаме, една татковина и еден народ што го бранат“, изјави Шејнбаум.
Предлогот веќе ги помина двата дома на националниот Конгрес, а го одобри и мнозинството од 32-те државни парламенти. Новото правило треба да важи за кандидатите од 2028 година.
Критичарите предупредуваат дека реформата може да ги ограничи политичките права на лица со двојно државјанство и да влијае врз потенцијални кандидати за претседателските избори во 2030 година.
Мексиканскиот милијардер Рикардо Салинас, кој е критичар на власта и јавно зборувал за политички амбиции, тврдеше дека мерката е насочена против негова евентуална кандидатура. Подоцна, сепак, објави дека нема двојно државјанство.
Од власта велат дека реформата не е насочена против лицата со двојно државјанство воопшто, туку дека се воведуваат построги услови за највисоките државни функции.
Текстот Мексико сака претседателот да има само мексиканско државјанство е превземен од МАКФАКС.




