Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денеска изјави дека не верува оти Соединетите Американски Држави ќе употребат воена сила за анексија на Гренланд, предупредувајќи дека таков потег би имал тешки последици за НАТО.
На традиционалната новогодишна прес-конференција, Мелони додаде дека постои потреба од „сериозно и значајно“ присуство на НАТО во арктичкиот регион, вклучително и на Гренланд.
„И понатаму не верувам во хипотезата дека Соединетите Американски Држави би покренале воена акција за да ја преземат контролата врз Гренланд, опција што очигледно не би ја поддржала“, рече Мелони.
„Тоа не би било ни во интерес на САД“
„Верувам дека тоа не би било во ничиј интерес. Мислам дека тоа не би било ни во интерес на Соединетите Американски Држави, да бидам јасна“, додаде италијанската премиерка.
Операцијата на американската војска во која беше соборен лидерот на Венецуела повторно ја поттикна загриженоста околу американските намери кон Гренланд. Белата куќа во вторникот соопшти дека САД разгледуваат повеќе опции за преземање на Гренланд, меѓу кои и употреба на воена сила.
„На сите им е јасно дека тоа значително би влијаело врз НАТО“
Мелони, која важи за една од најблиските европски сојузнички на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека „на сите им е јасно“ оти секој американски потег поврзан со Гренланд би имал значително влијание врз НАТО. Таа додаде дека токму тоа е причината зошто не верува дека Вашингтон ќе ги реализира своите закани.
Сепак, истакна дека е важно НАТО да го засили своето присуство во арктичкиот регион, како и да ја разбере загриженоста на САД околу потребата од спречување на „прекумерно мешање на други актери кои би можеле да бидат и непријателски расположени“.
Текстот Мелони: Не би поддржала американски напад врз Гренланд, но тие мора да бидат таму е превземен од МАКФАКС.






