Меркел: Олабавување на мерките не е решение

пред 4 години

Мутацијата на коронавирусот може да ги наруши плановите на германската влада, предупредува канцеларката Ангела Меркел. Таа исто така вели дека е свесна за несигурноста во која се наоѓаат граѓаните на Германија и затоа ги моли за многу трпеливост, пренесува „Дојче веле“.

Ангела Меркел повторно гостуваше во германската јавна телевизија АРД, и тоа само 24 часа по т.н. самит за вакцинација одржан во понеделникот (1.2). На него присуствуваа најважните претставници на политиката, науката и економијата, кои потоа потврдија дека бавното темпо на вакцинација против корона во Германија нема да се забрза наскоро. Производителите не можат да обезбедат повеќе вакцини или се обврзани со договори со други земји.

Тоа беше отрезнувачка порака и затоа во образложението за интервјуто на германската канцеларка стои: Меркел овие денови мора да моли за трпеливост – или барем да го покаже своето присуство. Бидејќи, она што германската политика го презема кога станува збор за пандемија, збунува многу луѓе и ги остава во сомнеж.

Строгите ограничувања во моментов во Германија – забрани за контакт, затворени ресторани, кина и училишта – го доведуваат населението до границите на издржливост.

Некои набљудувачи навестуваат дека ограничувањата може да се продолжат до април. Во секој случај, Меркел не упати ниедна друга, попозитивна порака: „Отворање за 14 дена, за да можеме да се вратиме на експоненцијален раст – тоа не би било решението“, рече канцеларката. На крајот на краиштата, додаде таа, падот на бројот на нови инфекции покажува дека мерките се ефикасни. „Тоа е добар резултат, кој го немавме долго време. Но, тоа не значи дека здравствените власти повторно имаат контрола врз вирусот“.

Сè уште постои, истакна германската канцеларка, неизвесност поради мутацијата на вирусот, за која се смета дека е далеку позаразна. Меркел ја пофали дисциплината на мнозинството жители во Германија. Земјата е на добар пат, но единствениот ризик е „мутацијата на вирусот од Велика Британија или Јужна Африка која може да ги наруши нашите планови затоа што е многу поагресивна“.

Share
Scroll to Top