Големите руски воздушни напади врз украинските градови во текот на викендот се шлаканица за сите што работат на постигнување прекин на огнот, вклучително Украина, Европа и САД, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин.
„Разговаравме детално како да ги унапредиме дипломатските напори кон прекин на огнот. Володимир, јасно кажа: никој не сака мир повеќе од самата Украина. Киев со недели е подготвен за итен, безусловен прекин на огнот. Украина е подготвена за технички преговори со Русија – или во Ватикан, Женева или на кое било неутрално место“, рече Мерц.
Тој го истакна обединетиот став на европските лидери и посочи дека американското учество е неизбежно за успешен преговарачки процес.
„За разлика од тоа, Москва одолговлекува. Пред повеќе од една недела, претседателот Путин вети дека ќе презентира преговарачка позиција, но не се појави документ. Наместо тоа, минатиот викенд бевме сведоци на масовни воздушни напади, вклучително и врз Киев. Ова не е јазик на мирот, туку на брутална војна. Тоа е шлаканица за сите оние кои бараат мир – во Украина, Европа и САД“, рече Мерц.
Канцеларот нагласи дека Русија не покажа вистинска волја за преговори и го пофали Зеленски за неговата отвореност за разговори без предуслови. Тој ја повтори подготвеноста на Европа и Америка да учествуваат во тие напори.
„Но, најважно е преговорите воопшто да се одвиваат“, посочи Мерц.
„Доколку Русија ја игнорира оваа подготвеност, ќе испрати порака до светот дека нема искрен интерес за мир и дека сака да ја продолжи војната со воени средства. Сакаме оваа војна да заврши“, додаде.
Претходно, Укринформ објави дека претседателот Зеленски пристигнал во Берлин на разговори со канцеларот Мерц и германските бизнис лидери. Подоцна во текот на денот се очекува тој да се сретне со сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Текстот Мерц: Русија не го зборува јазикот на мирот, туку на бруталната војна е превземен од МАКФАКС.