Меѓусебни обвинувања за Запорожје: Русија тврди дека дрон направил дупка во нуклеарката, Украина негира и вели дека ова е пропаганда

Меѓусебни обвинувања за Запорожје: Русија тврди дека дрон направил дупка во нуклеарката, Украина негира и вели дека ова е пропаганда

пред 2 часа

Ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, повторно се вжештува по најновиот инцидент за кој Москва и Киев меѓусебно си ја префрлаат вината. Украина категорично ги отфрли обвинувањата на Русија дека извршила напад со дрон врз централата, кој според руските власти предизвикал оштетување на една од зградите во комплексот.

Украинското Министерство за надворешни работи излезе со соопштение во кое остро ги осуди, како што ги нарече, „неоснованите обвинувања“ од Кремљ. Според Киев, овие тврдења се само „уште една информациска операција“ на Москва со цел да се одвлече вниманието на меѓународната јавност од фактот дека Русија веќе со години нелегално го контролира ова подрачје.

Киев: Нема логика да ја напаѓаме сопствената централа

Од украинското Министерство потенцираат дека руските обвинувања се целосно апсурдни од логичка гледна точка.

„Како и секогаш, на руските обвинувања им недостасува логика: не е јасно со каква цел Украина би ја нападнала сопствената нуклеарна централа, која се наоѓа на нејзина територија и која се обидува да ја врати под своја суверена контрола“, се наведува во официјалната изјава.

Дополнително, украинските Јужни одбранбени сили соопштија дека нивните војници делуваат исклучиво во рамките на меѓународното хуманитарно право и дека на тој дел од фронтот воопшто немало активни борбени дејствија во моментот на наводниот напад. Киев исто така ја обвини Русија дека продолжува да им го блокира пристапот на меѓународните експерти до клучните делови на централата.

Росатом: Контролиран дрон направи дупка во ѕидот кај турбините

Од друга страна, Алексеј Лихачов, шефот на руската државна корпорација за атомска енергија „Росатом“, изјави дека украински борбени дрон директно удрил во зградата на турбините на шестиот енергетски блок.

„Експлозијата не ја оштети клучната опрема, но направи дупка во ѕидот на турбинската сала. Вреди да се напомене дека дронот бил контролиран преку оптички влакна, што целосно ја исклучува можноста за случаен погодок“, тврди Лихачов.

Тој предупреди дека ваквите чекори ја носат регијата опасно близу до сериозен нуклеарен инцидент кој би можел да има последици и за земји кои се наоѓаат далеку надвор од границите на Русија и Украина.

ИАЕА: Напаѓањето на нуклеарни локации е како играње со оган

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси, потврди дека тимот на агенцијата бил известен од раководството на централата за ударот од дрон во зградата на турбините.

Гроси упати сериозно предупредување до двете страни, нагласувајќи дека ова е прв напад во самиот периметар на централата по повеќе од две години.

„Напаѓањето на нуклеарни локации е како играње со оган“, порача главниот директор Гроси.

Тимот на ИАЕА, кој е постојано присутен во Запорожје уште од септември 2022 година, веќе побара итен пристап до зградата на турбините за да може од прва рака да ги прегледа оштетувањата и да даде независен извештај за инцидентот. Ситуацијата околу централата, која падна под руска контрола во март 2022 година, останува крајно напната и под постојан ризик од можна нуклеарна катастрофа.

Текстот Меѓусебни обвинувања за Запорожје: Русија тврди дека дрон направил дупка во нуклеарката, Украина негира и вели дека ова е пропаганда е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top