Муслиманите во Албанија паднаа под 50 проценти првпат по два века

Муслиманите во Албанија паднаа под 50 проценти првпат по два века

пред 11 часа

Пописот од 2023 година покажа дека муслиманите повеќе не го сочинуваат мнозинството од албанските граѓани, првпат по повеќе од два века, објави „Индекс.хр“.

Според најновиот попис, муслиманите сега сочинуваат 45,7 проценти. Бројот на муслимани се намалил за повеќе од 30 проценти од пописот во 2011 година.

Треба да се напомене и дека пописот од 2023 година покажа дека муслиманите бекташи сочинуваат 4,8 проценти од населението, но тие се наведени како посебна религиозна група. Бекташите се членови на хетеродоксен исламски ред од суфиско потекло, кој датира од 13 век, и се сметаат за посебна религиозна група во Албанија иако историски се засноваат на шиитско-исламската традиција.

Христијаните сочинуваат 15,6 проценти од населението, од кои 8,4 проценти се католици, а 7,2 проценти се некатолици. Во групата религиска деноминација спаѓаат 13,8 проценти, а атеистите сочинуваат 3,6 проценти.

Оваа значајна демографска промена означува историски момент за религиозната структура на земјата, која е нестабилна со децении.

Според извештајот на „Турција тудеј“, Албанија изгубила речиси 15 проценти од своето население во последните десет години главно поради масовната емиграција и падот на стапката на наталитет. Аналитичарите ова го припишуваат на недостигот на перспективи за младите луѓе, кои сè повеќе бараат работа во странство.

Историски гледано, Албанија била католичка земја во своите почетоци, по римските освојувања. Статусот на муслиманска земја го добила дури во 15 век, со доаѓањето на Отоманската Империја. Сепак, поради географската близина и силните врски со Грција, каде што многу Албанци работат и зборуваат грчки, православното христијанство повторно е во пораст во последните децении.

Историјата на 20 век исто така игра голема улога во сегашната религиозна структура. По Втората светска војна, Албанија стана комунистичка држава, каде што религиозната практика беше забранета речиси 50 години сè додека демократијата не се врати по изборите во 1992 година.

По бомбардирањето на НАТО на Југославија во 1999 година, речиси половина милион етнички Албанци избегаа од Косово, дополнително оптоварувајќи ја веќе кревката економија на Албанија. Иако земјата доживеа економски раст во следната деценија, таа останува една од најсиромашните во Европа со висока невработеност и корупција во инфраструктурата, што ги одвраќа странските инвестиции.

И покрај предизвиците, Албанија стана сè попривлечна туристичка дестинација во последните години благодарение на ниските цени и природната убавина. Видеата на „Тик-ток“ од национални паркови и водопади добија милиони прегледи, а земјата е наречена европски Малдиви.

Текстот Муслиманите во Албанија паднаа под 50 проценти првпат по два века е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top