Германското младинско движење „Генерација З презема контрола“ повика на масовни протести денеска во 34 градови низ земјата. Организаторите очекуваат повеќе од 165.000 учесници кои ќе протестираат против задолжителниот воен рок и високите трошоци за живот, јави германската новинска агенција ДПА.
Демонстрантите ќе бараат поголеми инвестиции во образованието, социјалната сигурност и здравството, како и посилна борба против климатските промени.
Од движењето нагласуваат дека протестите треба да бидат мирни и се оградуваат од каков било облик на насилство. Организаторите наведуваат дека на демонстрациите не сакаат присуство на екстремистички групи и истакнување неуставни симболи. Учесниците се предупредени да не носат стаклени предмети или оружје и да не ја провоцираат полицијата.
Во некои градови продавниците се затворени поради страв од можни оштетувања и нарушување на јавниот ред, особено по немирите на младинските протести во Франција овој месец, кои беа проследени со насилство, грабежи и подметнување пожари.
Германските безбедносни служби соопштија дека немаат информации за конкретни повици на насилство за време на најавените демонстрации. Сепак, портпаролка на Министерството за внатрешни работи предупреди дека на повиците за протест се одѕиваат и делови од левичарската екстремистичка сцена, како и поединечни групи поврзани со екстремизам од странско потекло.
Организаторите, пак, сметаат дека фокусирањето на можноста за насилство го одвлекува вниманието од проблемите на кои сакаат да укажат.
Движењето „Генерација З презема контрола“ е формирано пред само неколку недели и има централен координативен тим од 30 лица. Иако протестите се најавени во 34 градови, групата ја презема одговорноста за содржината и организацијата на собирите во четири града – Келн, Берлин, Франкфурт и Минхен, пренесува ДПА.
Текстот Над 165.000 млади се очекуваат на протести во Германија против задолжителниот воен рок и високите трошоци за живот е превземен од МАКФАКС.




