Над 5.000 починати од ебола во Конго, бројот на заразени надмина 10.000

Над 5.000 починати од ебола во Конго, бројот на заразени надмина 10.000

пред 59 минути

Над 5.000 лица починале од ебола во Демократска Република Конго од средината на мај, соопштија здравствените власти во земјата. Досега се потврдени 5.026 смртни случаи, а бројот на заразени достигна 10.351.

Во моментов, 1.101 лице се лекува или е во карантин, додека 2.788 лица кои претходно биле заразени оздравеле од болеста.

Сепак, вистинскиот број на починати може да биде и поголем, бидејќи експертите сметаат дека вирусот можеби се ширел незабележано уште од февруари, неколку месеци пред официјалното прогласување на епидемијата на 15 мај.

Епидемијата, предизвикана од сојот Бундибугио на вирусот ебола, се шири со загрижувачка брзина. Случаи на зараза се пријавени и во други земји, меѓу кои и Кенија, каде што инфекцијата била поврзана со кениски државјанин кој се заразил во Конго, а потоа починал.

На 20 октомври, Нигерија го пријави првиот случај на ебола. Станува збор за швајцарски државјанин кој се разболел неколку дена по враќањето од повеќенеделно патување во Уганда.

Во Европа досега е регистриран еден случај – лекар во Франција кој во јуни бил позитивен на вирусот по хуманитарна мисија во источниот дел на Конго. Тој подоцна оздравел и бил отпуштен од болница.

Еболата е опасна по живот болест која се пренесува преку директен контакт со заразени лица или со нивните телесни течности. Може да предизвика висока температура, дијареја и крварење.

Текстот Над 5.000 починати од ебола во Конго, бројот на заразени надмина 10.000 е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top