НАТО соопшти дека Алијансата е подготвена да го одбрани населението на земјите членки од балистички закани, по вчерашниот инцидент во кој иранска балистичка ракета била идентификувана, следена и успешно пресретната.
На состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел, со кој претседаваше генералниот секретар Марк Руте, сојузниците остро го осудија таргетирањето на Турција и изразија целосна солидарност со Анкара.
Руте му оддаде признание на врховниот командант на сојузничките сили во Европа (SACEUR) и на персоналот вклучен во операцијата за нивните заеднички напори.
„Ова е конкретен доказ за способноста на Алијансата да го брани нашето население од сите закани, вклучително и оние што ги претставуваат балистичките ракети“, се наведува во соопштението на НАТО.
Од Алијансата посочуваат дека одбранбената и одвраќачката позиција на НАТО останува силна во сите оперативни домени и дека силите остануваат внимателни.
Во соопштението се додава дека врховниот командант на сојузничките сили во Европа ќе продолжи да ја прилагодува позицијата на силите кога тоа е потребно за да се обезбеди безбедноста на сите сојузници.
НАТО наведува дека внимателно ја следи ситуацијата и дека генералниот секретар е во редовен контакт со лидерите на сојузничките и партнерските земји во регионот.
Текстот НАТО по инцидентот со ракета кон Турција: Алијансата има капацитет да ги брани сојузниците од балистички закани е превземен од МАКФАКС.






