Најмалку четири лица загинаа, а 20 се повредени во израелски напади врз подрачјето на Набатие во јужен Либан, објави либанската државна новинска агенција ННА.
Израелската војска ја нападнала и уништила болницата „Гандур“ во местото Ал Набатие Ал Фаука. Објектот веќе со години не бил во функција. Во нападот има и повредени, според објавените информации.
Градот Набатие бил погоден и од силен воздушен напад чија цел била историска зграда во сопственост на братот на пратеникот Насер Џабер. Во зградата некогаш имало ресторан, а во нападот таа била целосно уништена.
Причинета е и голема материјална штета на зградите на регионалните оддели за финансии и земјоделство во Набатие, кои се наоѓаат во објект во близина на погодената локација. Оштетени се канцеларии, искршени се прозорци и врати, а документи биле расфрлани наоколу. Штета претрпеле и десетици продавници и кафулиња во близина.
Претходно, израелската војска соопшти дека либански Хезболах со два дрона нападнал израелски војници во јужен Либан. Припадниците на Израелските одбранбени сили (ИДФ) собориле еден од дроновите, а во нападот немало повредени војници.
Од ИДФ оценија дека станува збор за сериозно прекршување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан и соопштија дека Израел поради тоа напаѓа цели во јужен Либан.
Израелскиот портал „Јнет“, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека болницата во Набатие повеќе не била во употреба и дека Хезболах ја користел како база. Овие тврдења не можеле независно да бидат потврдени.
Текстот Најмалку четворица загинати и 20 повредени во израелски напади врз јужен Либан е превземен од МАКФАКС.




