Намалената понуда на дизел на светскиот пазар би можела да продолжи во поголемиот дел од 2027 година, поради ограниченото производство, нарушените испораки од Блискиот Исток и Русија и намалените резерви, предупредува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Според најновиот месечен извештај на агенцијата, во вториот и третиот квартал од годинава од резервите биле повлечени значително поголеми количества дизел од вообичаеното, што довело до нивно намалување непосредно пред зимската сезона, кога побарувачката традиционално расте.
Иако се очекува закрепнување на рафинериското производство до крајот на годината, понудата и натаму ќе заостанува зад побарувачката. Според проценките на ИЕА, резервите веројатно нема да бидат обновени пред втората половина на 2027 година.
Светското производство на дизел во вториот квартал се намалило за 1,5 милиони барели дневно во споредба со истиот период лани, додека во третиот квартал падот достигнал 1,7 милиони барели дневно.
Дополнителен проблем претставува намалениот извоз. Во првите девет месеци од годинава светскиот извоз на дизел се намалил за 10 проценти, а само во септември испораките од Блискиот Исток и Русија паднале за 60 проценти на годишно ниво.
На состојбата влијаело и тоа што дел од рафинериите во текот на летото му дале предност на производството на керозин, наместо на дизел.
ИЕА предупредува дека секое дополнително нарушување во производството или транспортот би можело да ја влоши состојбата. Иако на почетокот на 2027 година се очекува извесно зголемување на понудата, тоа нема да биде доволно за целосно надоместување на недостигот создаден во текот на 2026 година.
Текстот Недостигот на дизел може да продолжи и во 2027 година, предупредува Меѓународната агенција за енергија е превземен од МАКФАКС.




