„Никогаш нема да се откажам“ – по изборното фијаско, Орбан доби нов мандат во Фидес

„Никогаш нема да се откажам“ – по изборното фијаско, Орбан доби нов мандат во Фидес

пред 1 час

Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан повторно е избран за лидер на опозициската партија Фидес, и покрај тоа што на парламентарните избори во април ја загуби власта по 16 години. На партискиот конгрес, 729 од вкупно 737 делегати гласаа за негов реизбор, а Орбан немаше противкандидат.

Во обраќањето пред гласањето, Орбан порача дека нема намера да се повлече од политиката и дека целосно ја презема одговорноста за изборниот пораз.

„Не се откажувам, никогаш, никогаш, никогаш нема да се откажам“, изјави Орбан.

Пораз по 16 години власт

На парламентарните избори одржани на 12 април, победа оствари десноцентристичката партија Тиса на премиерот Петер Маѓар, која освои двотретинско мнозинство во парламентот.

Со тоа новата влада доби доволно пратеници за да ги поништи уставните измени што беа донесени за време на владеењето на Орбан.

По изборниот пораз, за првпат по долго време во Фидес се појавија и јавни повици од дел од поранешните соработници Орбан да се повлече од политиката.

Фидес мора да се менува

Орбан призна дека Фидес мора да се прилагоди на новата политичка реалност и од владејачка да стане ефикасна опозициска партија.

Тој оцени дека Фидес била „фантастична владејачка партија“ во изминатите 16 години, но нагласи дека се потребни промени за да може повторно да се подготви за враќање на власт.

Анкетите покажуваат голема предност за Тиса

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Фидес продолжува да ја губи поддршката и по изборите.

Според анкетата на Институтот „Публикус“ спроведена во мај, владејачката Тиса ужива поддршка од 55 проценти од испитаниците, што е повеќе од 53 проценти колку што освои на изборите.

Во исто време, поддршката за Фидес паднала на 17 проценти, во споредба со 39 проценти освоени на изборите, што претставува значителен пад на довербата во партијата на Орбан.

Текстот „Никогаш нема да се откажам“ – по изборното фијаско, Орбан доби нов мандат во Фидес е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top