Нова афера ја тресе Велика Британија: Го предупредив премиерот, тоа е незаконско

пред 4 години

Британскиот премиер Борис Џонсон се најде под притисок на јавноста да објасни кој го финансирал реновирањето на неговиот резиденцијален апартман на „Даунинг стрит“.

Само осум дена пред локалните избори во Англија, Велс и Шкотска, Џонсон се соочи со низа обвинувања, од оние за неумешно справување со епидемиската криза, до прашања во врска со информациите што протекоа од неговиот кабинет, пренесува „Ројтерс“.

Поранешната советничка за информации на британскиот премиер, Алегра Стретон, минатиот месец изјави дека сите донации, подароци и приходи се уредно пријавени, како и дека средствата на Конзервативната партија не се искористени за реновирање на резиденцијалниот апартман на Џонсон на Даунинг стрит.

Како премиер на Велика Британија, Џонсон секоја година добива 30 илјади фунти буџетски средства за одржување и опремување на резиденцијалниот апартман и тој е должен самиот да ги покрие сите трошоци над таа сума. Британските министри тврдат дека Џонсон го платил реновирањето со свои пари, но не е јасно кога го платил, ниту дали трошоците за реновирање во износ од 200 илјади фунти ги обезбедил од некој кредит, што според важечките прописи, тој е должен да го пријави.

Опозициските лабуристи бараат објаснување и испратија барање до раководителот на секторот за јавна администрација да започне истрага за изјавите дадени на почетокот на годината од поранешната советничка за информации на Џонсон, Алегра Стретон.

Доминик Камингс, кој беше клучен советник на Борис Џонсон за време на кампањата за Брегзит и кој му помогна да победи на изборите во 2019 година, и со кого влезе во бурен раскол минатата година, го обвини Џонсон минатата недела дека бара од донаторите тајно да ги плаќаат трошоците за реновирање на резиденцијалниот апартман на Даунинг стрит.

Камингс тврди дека го предупредил премиерот на Велика Британија дека ваквите договори се неетички, безумни и веројатно незаконски.

Share
Scroll to Top