Објавен мачен извештај за злоставување на деца по домовите низ Лондон

пред 3 години

Британски социјални работници „изложиле ранливи деца“ на сексуални престапници кои се инфилтрирале во домови за деца и во згрижувачки семејства со „катастрофални, доживотни последици врз жртвите“, покажа извештајот за децениското злоставување деца.

Работниците во лондонскиот кварт Ламбет „се однесуваа кон децата како да се безвредни“ и, како што изгледа, покажаа „бесчувствителност кон ранливите деца, а беа платени да се грижат за нив“, посочуваат наодите на Независната истрага за сексуална злоупотреба на деца.

Авторите на извештајот имале докази дека децата биле силувани, изложени на недолично однесување и сексуално злоставување, но навеле дека дисциплинска мерка, според жалбите на 705 корисници во три институции за социјална заштита, е изречена само на еден вработен во раководните служби.

Кога децата се жалеле, никој не верувал во нивните изјави.

Извештајот проценува дека бројот на злоставувачи веројатно ќе биде многу поголем и се препорачува на полицијата да разгледа дали постојат основи за покренување на кривична истрага за случајот со момче кое починало во домот во 1977 година, откако претходно се пожалило на злоставување од страна на висок вработен .

Џон О’Брајан, секретар на Независната истрага за сексуална злоупотреба на деца, рече дека извештајот е најлош од сите 15 што досега ги составиле.

„Каде и да погледнете, ќе пронајдете пропусти. Тоа е единствениот извештај што морав редовно да прекинувам да го читам поради содржината“, рече О’Брајан.

Клер Холанд, членка на Советот на округот Ламбет, рече дека „советот бил одговорен за таа грижа и заштита, но не успеал, со далекусежни последици“.

„Советот длабоко жали поради нивните искуства“, рече Холанд.

Share
Scroll to Top