Од денеска граѓаните на ЕУ мора да поседуваат пасош за влез во Британија

пред 3 години

Од денеска, личната карта повеќе нема да важи за влез во Обединетото Кралство, која во иднина ќе бара од граѓаните на Европската Унија и Швајцарија да ги покажат своите пасоши, што е меѓу последните последици од Брегзит.

Британското министерство за внатрешни работи посочува дека оваа промена ќе им овозможи на организираните криминални банди и други лица да бидат спречени да го злоупотребуваат системот, бидејќи личните карти, како што вели, се незаштитен документ.

Бројките на министерството покажуваат дека 48 проценти од фалсификуваните документи откриени на границата со Обединетото Кралство во 2020 година се европски и швајцарски лични карти. Тие документи полесно се фалсификуваат отколку пасошите, велат од министерството, а некои како што додаваат немаат биометриски податоци.

„Мораме да дејствуваме против криминалци кои сакаат илегално да влезат во нашата земја со фалсификувани документи“, рече министерката за внатрешни работи Прити Пател во изјавата.

„Со ставање крај на употребата на незаштитени лични карти, ја зајакнуваме нашата граница и ја исполнуваме волјата на луѓето да ја преземат контролата врз нашиот имиграциски систем“, додаде таа.

Новата мерка, објавена пред една година, е дел од новиот широк имиграциски план што го означува најавеното заострување во рамките на Брегзит, што Пател во изјавата го опиша како строго кон оние кои сакаат да го злоупотребат системот и фер кон оние што ги почитуваат прописите.

Единствените исклучоци за задолжителното претставување на пасошите се ирските државјани од една страна и европските и швајцарските државјани со (привремен или постојан) статус на британски жители од друга страна, кои ќе можат да ја користат својата лична карта до 31 декември 2025 година.

Share
Scroll to Top