Поради зголемена опасност од шумски пожари, од утре, 23 август, во одредени шумски подрачја на Халкидики ќе биде забрането движењето на пешаци и возила. Мерката ќе важи од 08:00 до 20:00 часот.
Одлуката ја донел заменик-гувернерот на Халкидики, Јоанис Куфидис, согласно со дневната проценка на опасноста од пожари и препораките на надлежните служби.
Забраната се однесува на одредени подрачја во општините Касандра, Ситонија и Аристотел.
Во Касандра мерката ги опфаќа подрачјата Корфограмми, од Касандрина до Агија Параскеви, како и Арапс и Халковуни во локалната заедница Палиури. Во Ситонија, забраната важи за гребенот Драгундели, од Пчеларската задруга до Сикија.
Во општина Аристотел, забраната ќе важи на подрачјето од Комица до Уранополис, како и во Цамија Стратоникис, Фисока и Стрелиште Стратонија.
Полицијата и противпожарните служби ќе спроведуваат засилени контроли и ќе патролираат во шумските подрачја. Лицата што ќе бидат затекнати во зоните каде што важи забраната ќе бидат отстранети, а ќе се евидентираат и регистарските таблички на возилата.
Исклучок се членовите на доброволните организации кои учествуваат во активности за заштита од пожари.
За непочитување на мерката е предвидена административна казна од 300 евра. Контролите и санкционирањето ќе ги спроведуваат полицијата, противпожарната служба, шумската служба и комуналната полиција.
Надлежните ги повикаа жителите и туристите да ја почитуваат забраната со цел да се намали ризикот од избувнување и ширење шумски пожари.
Текстот Од утре забрана за пешаци и возила во делови од Халкидики, казната е 300 евра е превземен од МАКФАКС.





