Односите меѓу Србија и Турција се на највисоко можно ниво, оценија Вучиќ и Ердоган во Анкара

пред 3 години

Српскиот претседател Александар Вучиќ е во еднодневна посета на Анкара, Турција каде оствари средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

По состанкот, српскиот претседател истакна дека неопходно е двете земји да чекорат напред, а не кон минатото. Оцени дека економската соработка меѓу Србија и Турција е во пораст, а исто е и во другите области.

„Имаме 110 турски компании работат во Србија и тие се важни затоа што работат, меѓу другото, и на мали места“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека разговарале за односите меѓу двете земји, мирот, стабилноста, почитувањето на Дејтонскиот договор и, како што рече Вучиќ, многу добро се разбираат по овие прашања.

„Му реков на Ердоган дека Србија го поддржува интегритетот на БиХ и интегритетот на РС во рамките на БиХ. Ќе мора да работиме заедно за да ја вратиме довербата, иако е многу тешко да работиме на тоа, бидејќи дел од медиумите во Србија секогаш гледаат со сомнеж“, рече тој.

Ердоган истакна дека територијалниот интегритет на БиХ е од големо значење и дека заедно со Вучиќ ќе продолжи да ги решава сите проблеми.

Претседателот на Турција го нарече Вучиќ „драг пријател“ и оцени дека односите меѓу двете земји се на високо ниво.

„Нашите односи со Србија се на највисоко можно ниво. Разговаравме за чекорите што треба да ги преземеме во наредниот период. Обемот на нашата трговија, и покрај пандемијата, продолжува да урива рекорди“, рече Ердоган.

Посочи дека Турција ќе направи се за да ги намали тензиите на Балканот и уште еднаш му се заблагодари на својот „драг пријател“ за посетата.

Share
Scroll to Top