Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан побара од Брисел да ги сноси трошоците за чување на границата од мигрантите, пред се кон Србија, но и кон другите јужни и источни соседи.
Во писмото до претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лаен, Орбан пишува дека се очекува уште поголем бран мигранти отколку во 2015 година, кога Унгарија подигна жичена ограда, што според него се покажало како многу ефикасно решение и дека треба да им служи како пример на другите.
„Како што знаете, хибридниот третман на мигрантите во Белорусија и катастрофалното повлекување на безбедносните сили од Авганистан се заканува да создаде уште поголема криза отколку во 2015 година. Убеден сум дека сегашната кревка стабилност може да се зачува само ако Унгарија, заедно со другите земји, ги штити надворешните граници на Унијата“, наведе Орбан во писмото.
Унгарскиот премиер потсетува дека досега од државниот буџет се издвоени повеќе од 590 милијарди форинти за заштита на јужните граници на земјата и дека се меѓу првите земји кои подигнаа жичена ограда, која ја бранеше ЕУ од инвазијата на бегалци во последните години. Тој пример го следеа Грција, Шпанија, Бугарија, Словенија, Естонија, Литванија, Летонија и Полска, додаде Орбан.
Според него, физичките пречки за несаканите гости се уште се неопходни, а доказ за тоа е заедничкиот став на министрите за внатрешни работи на десетина членки на Унијата усвоен на 7 октомври, а тоа го истакнала и самата Фон дер Лаен на седницата на Европскиот совет.
Орбан сака ЕК да го направи она што требаше да го направи пред многу години: да признае дека заштитата на надворешните граници е израз на непобитна европска солидарност и да ги пофали и субвенционира напорите на земјите од Унијата во таа област.
Премиерот на Унгарија посочува дека таквата одбрана на границата чини, дека бара материјални, човечки и финансиски ресурси, па време е унгарските трошоци да се надоместат во изминатите шест години.