Унгарската влада тврди дека разорената од војна Украина „нема да запре пред ништо“ за да го спречи премиерот Виктор Орбан и неговата партија Фидес да победат на претстојните избори. Министрите велат дека се подготвува физичко насилство врз премиерот и неговото семејство и саботажа на клучни енергетски објекти. Од друга страна, украинската влада ја обвинува Унгарија за поттикнување кампања на омраза за да ги заплаши Унгарците повторно да гласаат за Фидес, пишува Би-Би-Си.
Само 30 дена до парламентарните избори, кои ќе се одржат на 12 април, некои аналитичари веруваат дека антиукраинската реторика докажува дека Орбан паничи за можен пораз. Според најновата анкета, неговата партија Фидес со 39 проценти поддршка е зад Тиса, која има поддршка од 50 проценти од гласачите.
Други, пак, тврдат дека Орбан добро го познава својот електорат и дека ако ги убеди дека земјата е во смртна опасност, би можел да постигне неверојатна петта победа по ред.
Во срцето на спорот е прекинувањето на нафтоводот Дружба, од кој зависат унгарските и словачките рафинерии под унгарско управување.
Минатата недела, Орбан објави сателитски снимки за кои тврди дека го покажуваат нафтоводот недопрен. Тој и неговите министри ја обвинуваат Украина дека намерно ги одложува поправките за да им наштети на изгледите за реизбор на Орбан со тоа што предизвикува недостиг на гориво во Унгарија.
„Владата на Орбан не ја кажува целата вистина“, изјави за Би-Би-Си Андраш Рач, аналитичар за безбедност во Германскиот совет за надворешни односи, коментирајќи ги тврдењата на унгарската влада дека нема технички пречки за повторно воспоставување на протокот на руска нафта.
Рач објасни дека рускиот напад на 27 јануари оштетил резервоар со 75 милиони литри сурова нафта во Броди. За да се зачува нафтата и да се спречи еколошка катастрофа, таа била пумпана во цевковод за складирање. Присуството на оваа нафта, заедно со другите технички штети предизвикани од првите и последователните руски напади, го оневозможува враќањето на снабдувањето. Украина вели дека поправките би можеле да траат шест недели.
Текстот Орбан: „Украина не избира никакви средства за да ја спречи мојата изборна победа“ е превземен од МАКФАКС.






