Пакистан е подготвен да биде домаќин на разговори меѓу САД и Иран во наредните денови, изјави синоќа пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар, како што објави германската новинска агенција дпа.
„Пакистан ќе биде почестен да биде домаќин и да посредува во преговорите меѓу двете страни во наредните денови за сеопфатно и трајно решение на тековниот конфликт“, рече министерот, бидејќи војната меѓу САД и Израел со Иран влегува во својот втор месец.
Дар не откри други детали во врска со временската рамка на разговорите, но рече дека и САД и Иран изразиле доверба во улогата на Исламабад. Соопштението доаѓа по состанокот на министрите за надворешни работи на Пакистан, Саудиска Арабија, Турција и Египет, како дел од напорите за приближување на двете страни на преговарачката маса.
„Министрите за надворешни работи го потврдија своето единство за контролирање на ситуацијата, намалување на ризикот од воена ескалација и создавање услови за структурирани преговори меѓу релевантните страни“, се вели во соопштението.
Дар рече дека кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, исто така, изразиле поддршка за мировната иницијатива.
Тој рече дека Пакистан продолжува активно да се ангажира со раководството на САД во напорите за деескалација на ситуацијата и наоѓање мирно решение за конфликтот.
Текстот Пакистан: Подготвени сме да бидеме домаќини на мировни преговори меѓу Иран и САД е превземен од МАКФАКС.





