Кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ле Гученг денеска наложи НАТО да се држи до, како што го нарече, „ветувањето дека нема да се шири на Исток“.
Кинескиот функционер ги критикуваше далекусежните санкции на Западот против Русија поради инвазијата на Украина и рече дека главната причина за војната лежи во менталитетот на Студената војна и политичарите на моќ, објавија агенциите.
„Станува збор и за проширувањето на НАТО, така што алијансата ќе се доближи до предградијата до Москва“ кажал тој, додавајќи дека на тој начин проектилите би можеле да го погодат Кремљ во рок од седум или осум минути.
„Ако толку голема земја, особено нуклеарна сила, ја доведете во ќош, тоа би довело до последици кои се премногу страшни за да можеме да ги замислиме“, кажал кинескиот дипломат.
Тој изразил разбирање за често повторуваната формулација на рускиот претседател Владимир Путин „дека НАТО треба да се расформира“ и да биде оставено на историјата заедно со Варшавскиот пакт“, наведуваат агенциите.
„Сепак, наместо да се распаѓа, НАТО продолжи да се зајакнува и проширува и воено да интервенира во земји како Југославија, Ирак, Сирија и Авганистан. Последиците од ова можат добро да се предвидат. Кризата во Украина е сериозно предупредување“, рече Ле.
Тој, исто така, рече дека кинескиот претседател Кси Џинпинг на разговорите со американскиот претседател Џозеф Бајден во петокот ги повикал сите земји да работат заедно за да го поддржат дијалогот и разговорите меѓу Русија и Украина што ќе донесат резултати.
Како што појаснил, Кси порачал дека САД и НАТО исто така треба да водат дијалог со Русија за да се реши суштината на украинската криза и да се ублажат безбедносните грижи и на Русија и на Украина.