Петмина загинати во експлозијата во ресторан во Москва, истрагата се води како терористички напад

Петмина загинати во експлозијата во ресторан во Москва, истрагата се води како терористички напад

пред 1 час

Бројот на загинатите во експлозијата во ресторанот „Балзи Роси“ на плоштадот Кудринска во Москва се искачи на пет, додека повеќе од шестмина повредени се во тешка состојба, пренесе рускиот сервис на Радио Слобода, повикувајќи се на руски медиуми.

Според информациите, две лица им подлегнале на повредите во болница. Рускиот Национален антитерористички комитет (НАК) претходно соопшти дека во експлозијата загинале три лица – жена која, според истражителите, ја внела импровизираната експлозивна направа, чувар на ресторанот и еден гостин.

Рускиот Истражен комитет отвори истрага за тероризам. Според досегашните сознанија, експлозивната направа била скриена во кутија маскирана како подарок и била активирана со далечинско управување. Истражителите претпоставуваат дека жената која ја донела кутијата можеби не знаела што се наоѓа во неа.

Засега нема официјално соопштен мотив за нападот. Сепак, повеќе руски медиуми и канали на Телеграм шпекулираат дека цел на нападот можеби била приватната прослава на 55-тиот роденден на Александар Чајко, врховен командант на руските Воздухопловни сили. Како индиректен доказ го наведуваат натписот „Александар 55“ поставен на бината во ресторанот. Оваа информација не е официјално потврдена.

Телеграм-каналот ВЧК-ОГПУ, исто така, тврди дека лицето кое првично беше идентификувано како чувар можеби било вработено во Федералната служба за заштита на Русија, но и оваа информација засега нема официјална потврда.

Истражните дејствија на местото на експлозијата се завршени, а безбедносниот кордон околу ресторанот е отстранет.

Експлозијата се случи во ресторанот „Балзи Роси“ во центарот на Москва. Првичните официјални информации говореа за три загинати и 15 повредени. Според објавите на социјалните мрежи, ресторанот во моментот на експлозијата бил затворен за јавноста поради приватен настан.

Текстот Петмина загинати во експлозијата во ресторан во Москва, истрагата се води како терористички напад е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top