„Подгответе се за голем напад“: американската амбасада во Киев издаде итно соопштение

„Подгответе се за голем напад“: американската амбасада во Киев издаде итно соопштение

пред 1 месец

Американската амбасада во Киев издаде предупредување за растечкиот ризик од големи руски напади врз Украина.

Објавата на Амбасадата на нејзината веб-страница следуваше кратко откога Доналд Трамп и Владимир Путин, претседателите на САД и Русија, разговараа по телефон синоќа.

Путин му кажа на Трамп дека Кремљ ќе мора да одговори на украинската операција „Пајажина“, во која руски стратешки бомбардери беа цел во неделата.

„Русија го зголеми интензитетот на ракетните и на беспилотните напади врз Украина во последните недели и во моментот постои континуиран ризик од значителни воздушни напади. Амбасадата на САД во Киев ги повикува американските граѓани да бидат претпазливи. Како и секогаш, препорачуваме да бидат подготвени веднаш да се засолнат во случај да се издаде предупредување за воздушен напад“, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Последното слично предупредување беше издадено од Амбасадата на САД на 9 мај наведувајќи тогаш дека постои ризик од големи воздушни напади во текот на следните неколку дена.

Речиси две недели подоцна, Русија ја почна својата најголема серија воздушни напади против Украина, која почна на 25 мај, целејќи ги Киев и други области на земјата, при што загинаа повеќе од 15 лица, а десетици беа ранети.

По синоќешниот разговор со Путин, Трамп напиша дека „разговарале за украинскиот напад врз руските авиони на терен, како и за разни други напади извршени од двете страни“.
„Беше тоа добар разговор, но не разговор што ќе доведе до моментен мир“, рече Трамп.

Текстот „Подгответе се за голем напад“: американската амбасада во Киев издаде итно соопштение е превземен од МАКФАКС.

Share