Парламентот на Киргистан едногласно го утврди новиот состав на владата предводена од премиерот Садир Запаров. Сите присутни пратеници на седницата во државната резиденција „Ала Арча“ едногласно гласаа за кандидатурата на Запаров.
Претходно, оставка поднесоа претседателот на киргистанскиот парламент, Дастанбек Џумабеков и премиерот Кубатбек Боронов.
Киргистанскиот претседател Соронбај Женбеков е подготвен да поднесе оставка, рече Запаров.
„ Зборував со претседателот пред собраниската седница. Тој е подготвен да си даде оставка “, рече Запаров.
Командата на градот Бишкек воведе полициски час во главниот град на Киргистан, од 21 до 5 часот наутро. Полицискиот час важи за сите граѓани на Бишкек и странците, освен за вработените во државните и градските служби кои соработуваат со градската команда”, стои во соопштението објавено на Фејсбук.
Вчера, Женбеков истакна дека судбината на Киргистан е „во опасност“. Во исто време, како што рече, тој е подготвен да ја напушти својата функција само доколку земјата оди по легалниот пат.
Претходно беше објавено дека е воведен полициски час во главниот град на Киргистан, додека вчера беше воведена вонредна состојба. Во моментот, полицијата и армијата се на улиците во Бишкек.
Претседателот Жeнбеков отпушти највисоки безбедносни функционери и нареди повторно затворање на поранешниот претседател Алмазбек Атамбајев, кој беше ослободен од затвор пред само неколку дена.