Бројот на жртви од катастрофалните поплави и лизгања на земјиштето што го погодија индонезискиот остров Суматра се искачи на 753, додека уште 504 лица се водат како исчезнати. Властите евакуираа еден милион луѓе од најзагрозените подрачја, а ова е драстично зголемување на бројот на жртви во споредба со вчера, кога беа регистрирани 604 смртни случаи, пишува The Guardian.
Вкупно 3,2 милиони луѓе беа погодени од поплавите, 2.600 беа повредени, а еден милион беа евакуирани од области со висок ризик. Спасувачките екипи и хуманитарните работници се тркаат со времето за да стигнат до преживеаните, но нивните напори се попречени од блокирани патишта и урнати мостови, како резултат на што некои области во северна Суматра остануваат недостапни.
Во Ачех, еден од најтешко погодените региони, на пазарите им снемува ориз, зеленчук и други основни производи, а цените се зголемија за трипати. Исламската организација за помош во храна, која испраќа 12 тони итна помош во храна, предупредува: „Заедниците низ Ачех се соочуваат со сериозен ризик од недостиг на храна и глад доколку синџирите на снабдување не се обноват во следните седум дена“.
Индонезиската влада вчера објави дека испраќа 34.000 тони ориз и 6,8 милиони литри масло за готвење во Ачех и покраините Северна Суматра и Западна Суматра.
Светската здравствена организација (СЗО), исто така, објави дека испраќа тимови за брза реакција и основни залихи во погодениот регион и го засилува надзорот за можното ширење на болеста.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, им рече на новинарите во Женева дека ова е „уште еден потсетник за тоа како климатските промени поттикнуваат почести и екстремни временски настани, со катастрофални последици“.
Додека сезонските монсуни често носат обилни дождови што предизвикуваат лизгање на земјиштето и поплави, овогодинешните врнежи од дожд беа засилени од ретката тропска бура што се формираше во Малачкиот теснец. Бурата опустоши делови од Суматра и јужен Тајланд, при што загинаа 181 лице.
Шри Ланка, исто така, се бори со катастрофални поплави и лизгање на земјиштето, кои беа погодени од посебна бура, циклонот Дитва. 410 луѓе загинаа таму, а уште 336 се сметаат за исчезнати.
Претседателот Анура Кумара Дисанајаке прогласи вонредна состојба за да ѝ помогне на земјата да се справи со она што го нарече „најпредизвикувачката природна катастрофа во нашата историја“.
фото/епа
Текстот Поплави во Индонезија: Бројот на жртви надмина 750, еден милион луѓе евакуирани е превземен од МАКФАКС.






