Поради високите сметки, Австрија на сите домаќинства ќе им дава по 150 а на најзагрозените по 300 евра

пред 2 години

Аавстриската влада објави пакет помош за граѓаните погодени од наглиот раст на цените на енергијата, придружувајќи им се на голем број европски земји кои се обидуваат да го ублажат ударот врз буџетот на домаќинствата.

Речиси сите домаќинства во Австрија ќе добијат еднократна парична помош од 150 евра, изјави канцеларот Карл Нехамер.

Двојно поголема сума ќе добијат приближно 750.000 граѓани кои спаѓаат во категоријата особено ранливи.

Дополнително, државата одлучи да го суспендира паушалот за зелена струја годинава, со што на секое домаќинство ќе му заштеди по околу 100 евра, а на просечната трговска компанија околу 67.000 евра, соопшти Владата.

Пакетот помош од 1,7 милијарди евра е наменет за спречување на кризи, рече министерот за финансии Магнус Брунер.

Во Австрија, како и во многу други земји, цената на енергијата драстично порасна во последните месеци.

Во декември трошоците за енергија беа за 24 отсто повисоки во однос на истиот месец претходната година. Нафтата за греење поскапе за 44 отсто, а бензинот за 31 отсто, потсетуваат агенциите.

Share
Scroll to Top