Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов и водечкиот економист Сергеј Гуриев се ставени на списокот на „екстремисти и терористи“, објави денес веб-страницата на рускиот финансиски надзорник Росфинмониторинг. Русија, исто така, го прогласи Касјанов за странски агент во ноември 2023 година.
Касјанов беше премиер во првите четири години од власта на претседателот Владимир Путин. Тој беше разрешен во февруари 2004 година, неколку недели пред Путин да биде избран за втор мандат. Роден во 1957 година во близина на Москва, тој влезе во државната служба на почетокот на 1990-тите, специјализиран за управување со надворешен долг и финансиска политика.
Во 2000 година, тој стана премиер на Руската Федерација, позиција што ја држеше до 2004 година, за време на периодот на раните економски реформи. По неговото разрешување од владата, тој постепено се дистанцира од Кремљ и се вклучи во опозициски иницијативи, учествувајќи во движења и партии кои ги критикуваат авторитарните тенденции на руската влада. Во последниве години, тој живее во егзил и редовно коментира за руската политика и војната во Украина.
Гуриев е поранешен главен економист во Европската банка за обнова и развој, а сега е декан на Лондонската бизнис школа. Роден е во Владикавказ и ја изградил својата кариера во Москва како професор, а подоцна и ректор на престижната Нова економска школа.
Поради притисок од руските власти, тој ја напушти земјата во 2013 година и ја продолжи својата работа во Европа. Тој беше главен економист на Европската банка за обнова и развој, а потоа професор на Парискиот институт за политички студии (Sciences Po). Од 2024 година, тој ја држи позицијата декан на Лондонската бизнис школа.
Гуриев се занимава со теми како што се авторитаризмот, корупцијата, развојот на институциите и економските последици од политичките режими, поради што често се појавува во јавноста како еден од истакнатите критичари на политиките на Кремљ.
фото: ЕПА
Текстот Поранешен руски премиер и помошник на Путин премина во опозиција, сега е на списокот на терористи е превземен од МАКФАКС.






