Прогласен глад во Газа; Нетанјаху: Тоа е лага

Прогласен глад во Газа; Нетанјаху: Тоа е лага

пред 3 часа

Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека прогласувањето глад од Обединетите нации во делови од Појасот Газа е „целосна лага“ и „модерна крвна клевета“. Крвната клевета е антисемитски мит дека Евреите ја користат крвта на децата за верски цели.

„Израел не води политика на гладување. Израел води политика на спречување на гладување. Единствените кои намерно се изгладнуваат во Газа се израелските заложници“, се вели во соопштението на Канцеларијата на премиерот објавено на Икс.

Во соопштението се вели дека извештајот на ОН ги игнорирал хуманитарните напори на Израел и не го споменал падот на цените на маслото, шеќерот, солта, брашното, квасецот и друго во Газа, што Канцеларијата на Нетанјаху го припишува на влегувањето на хуманитарната помош во Појасот Газа. Изворот на податоците за цените е нејасен.

Повикувајќи се на податоци од координаторот за владини активности на териториите при Министерството за одбрана, Канцеларијата на премиерот наведува дека Израел дозволил милиони тони помош да влезат во Газа откако започна војната со нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Во соопштението се споменува и дека контроверзната хуманитарна фондација за Газа, која е поддржана од САД и Израел, како и невладини организации кои работат со израелска поддршка, им послужиле милиони топли оброци на жителите на Газа.

Од друга страна, канцеларијата на Нетанјаху се повикува на податоци од ОН дека во јули „од собраните 1.012 камиони со помош, само 10 стигнале до магацинот; останатите биле ограбени пред дистрибуцијата“.

Канцеларијата, исто така, ги обвинува ОН дека одбиваат да достават „стотици палети со храна“ од преминот Керем Шалом.

Во соопштението се признава дека имало „привремен недостиг“ на помош во Газа „кој Израел го надминал со воздушни испораки, поморски пратки, безбедни транспортни патишта и дистрибутивни точки на Фондацијата управувани од американски компании“.

Според соопштението, недостигот е предизвикан од „систематска кражба од страна на Хамас“.

Во соопштението не се споменува единаесетнеделната блокада на помошта што ја наметна Израел во Појасот Газа по пропаѓањето на најновиот договор за прекин на огнот и размена на заложници на 2 март.

фото: принтскрин

Текстот Прогласен глад во Газа; Нетанјаху: Тоа е лага е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top