Пропадна обидот на Брисел за средба меѓу преговарачите на Белград и Приштина

пред 3 години

Главните преговарачи на Белград и Приштина не се сретнаа во Брисел и покрај напорите на европската страна да организира заедничка средба.

Како што јави денеска Радио Слободна Европа (РСЕ), од таа средба зависеше дали европските посредници ќе организираат средба меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Лидерите се сретнаа само два пати минатата година, во текот на летото.

Преговарачите Петар Петковиќ и Бесник Бислими во вторникот одделно се сретнаа со специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог, Мирослав Лајчак.

И покрај напорите, Лајчак не успеа да ги собере двете страни на заедничка маса. Во вторник неколку пати беше најавуван заеднички состанок, но преговарачите се враќаа во седиштето на ЕУ исклучиво заради консултации со европската страна.

Ова не е прв пат Петковиќ и Бислими да се во Брисел поради дијалогот, но не и да одржат средба. Последен пат се сретнаа на 8 септември минатата година.

Во вторникот вечерта, по завршувањето на консултациите со Лајчак, Петковиќ за новинарите изјави дека српската делегација поминала десет часа во зградата на ЕУ.

Тој потврди дека разговарал само со Лајчак, бидејќи, како што наведе, Бислими одбил да разговара со српската страна. Бислими не го коментираше тоа тврдење, додава РСЕ.

Share
Scroll to Top