Пукна гума на минибусот што превезуваше дел од делегацијата на германскиот канцелар  Мерц  кон аеродромот во Ријад

Пукна гума на минибусот што превезуваше дел од делегацијата на германскиот канцелар Мерц кон аеродромот во Ријад

пред 3 часа

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, и неговата делегација имаа несреќа на пат кон аеродромот во Ријад, кога пукна гума на минибусот што превезуваше дел од делегацијата. Никој не беше повреден во инцидентот, кој се случи рано наутро, а патувањето до Катар продолжи со мало задоцнување. Сите патници безбедно пристигнаа во Доха, објавува „Билд“.

Несреќата се случила 2,7 километри пред аеродромот во саудиската престолнина. Гумата на минибусот што превезуваше дел од германската делегација целосно се распадна, но возачот успеа безбедно да го запре возилото и да избегне судир со други возила. Германската амбасада беше веднаш известена, а набрзо пристигна потврда дека владин авион ќе ги чека сите патници.

Додека членовите на делегацијата во оштетеното возило чекаа превоз, канцеларот Мерц, неговите советници и бизнис делегацијата ги чекаа околу 30 минути во авионот „Ербас“. Патниците на крајот беа транспортирани со резервен автобус до авионот, пренесува медиумот.

Според написите, благодарение на брзата реакција, конечното доцнење на полетувањето беше помалку од 15 минути. По пристигнувањето во Доха, канцеларот Мерц беше примен од премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим Ал-Тани. Според распоредот, канцеларот требаше да се сретне со претставници на економијата и да присуствува на вечера со емирот.

Целта на посетата на Катар е зајакнување на економската соработка со таа богата држава од Заливот. „Германија главно извезува машини и хемиски производи во Катар“, рече Мерц по пристигнувањето. „Сепак, ние се стремиме кон повеќе и сакаме уште поблиска соработка со вашата економија и компании“, додаде тој.

Мерц го нагласи стратешкиот карактер на економските односи. „Во време на глобални економски превирања, геополитичка несигурност и технолошка трансформација, Германија и Катар свесно се потпираат на дијалог, диверзификација и инвестиции во иднина“, рече канцеларот.

Мерц ја стави својата тридневна турнеја, која покрај Катар ги вклучува и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, под мотото на барање нови партнери во светот. Тој е придружуван од голема бизнис делегација.

Текстот Пукна гума на минибусот што превезуваше дел од делегацијата на германскиот канцелар Мерц кон аеродромот во Ријад е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top